Бензините поевтинуваат за два денара по литар, дизелот и мазутот остануваат исти

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска донесе одлука за намалување на цените на бензините, додека дизелот и мазутот остануваат со истите цени. Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за два денара по литар, што претставува просечно намалување на малопродажните цени на нафтените деривати од 1,08 отсто.

Според новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе чини 71 денар за литар, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава по 73 денари. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) останува 66,5 денари за литар, екстра лесното масло за домаќинствата (ЕЛ-1) 65,5 денари, а Мазут М-1 НС се продава по 32,635 денари за килограм.

Се вчитува...

РКЕ истакнува дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар покажуваат намалување во споредба со претходната пресметка: бензините паднале во просек за 6,021 отсто, дизелот за 3,929 отсто, екстра лесното масло за 3,168 отсто, а мазутот за 0,401 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани претходните цени е понизок за 0,6378 отсто.