Србија на 22 мај ги отворила границите за македонските државјани, без никакви ограничувања,тестови за коронавирус или самоизолација. Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ порача дека сега се чека на Македонија.
-Да бидеме потполно јасни и прецизни. Нашите граници се отворени, граѓаните на Северна Македонија можат слободно да поминуваат без тестови и мерки за изолација. Што се однесува за границите на Северна Македонија, нивен план беше од 15 јуни, но дали ќе се случи тоа или не, сега зависи од нивните анализи поврзани за епидемиолошката состојба, но секако со цел до крајот на јуни, како што разбрав, тоа да се оствари-рече Дачиќ.
Оваа недела ќе биде донесена одлука во врска со отворањето на македонската граница, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба во Ниш со шефот на српската дипломатија.
„На состанокот кажав дека имаме среќа што блискоста, врските и пријателството меѓу нашите два народи, меѓу српскиот народ и македонскиот народ е толку цврсто што повремените најдобри напори на политиката не успеваат да му направат никаква штета на тоа пријателство.“, рече Димитров.
Споделени беа искуствата во борбата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19, информации за епидемиолошкатите состојби во двете земји, планирани активности за натамошно ублажување на рестриктивните мерки согласно епидемиолошките препораки.
Министрите се согласија дека континуираната конструктивна соработка во сите области од заемен интерес меѓу двете пријателски држави треба да продолжи, како и да се продлабочи во економската сфера, со можност за заеднички настап на македонските и српски компании на трети пазари.
Дачиќ најави дека во петок во Грција со шефот на дипломатијата Дендиас ќе разговара и за организирање на трилатерален состанок меѓу Грција, Северна Македонија и Србија на острвот Крф, на ниво на шефови на дипломатии.
.