„Безбеден град“ се шири во Куманово и Тетово: Денеска тест-блокади од 1-ви февруари „солените“ казни стапуваат на сила

Системот „Безбеден град“, кој веќе го дисциплинираше сообраќајот во Скопје, од денеска се тестира и во други градови. МВР најави дека во текот на денешниот ден (недела) ќе врши калибрација на камерите во Куманово и Тетово, што ќе предизвика куси застои во сообраќајот.

Ова е последната фаза пред официјалниот старт на системот на 1 февруари, откако Собранието во петокот ги изгласа законските измени.

Се вчитува...

Внимателно во Куманово и Тетово: Денеска можни застои

МВР ги известува возачите дека денеска, во период од 08:00 до 20:00 часот, ќе има привремени прекини на сообраќајот на локациите каде што има камери.

  • Времетраење: Постапката на секоја локација ќе трае кратко, од 15 до 30 минути.
  • Режим: Додека трае калибрацијата, сообраќајот нема да се пропушта, по што ќе продолжи нормално.

„Македонците возеа како Германци“

Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, откри фасцинантни податоци за ефектот на камерите во Скопје. Според него, самото сознание дека се снима, драстично го променило однесувањето на возачите.

„На почеток имавме преку 110 илјади прекршоци… Но народот – за два дена – го спушти бројот на 30 илјади. Со тоа покажавме дека можеме да бидеме исто како Германците, Австријците… и ние да го почитуваме“, изјави Топаловски.

Системот автоматски ќе лови четири клучни прекршоци:

  1. Брзо возење.
  2. Поминување на црвено светло.
  3. Нерегистрирани возила.
  4. Неправилно паркирање.

Ценовник на казните: До 500 евра и одземање возачка

Со новиот Закон за прекршоци, дефинирани се и глобите што ќе стигнуваат на домашна адреса доколку не се почитуваат правилата:

За брзо возење:

  • До 20 km/h над дозволеното: 20 евра.
  • 20-30 km/h над дозволеното: 45 евра.
  • 30-50 km/h над дозволеното: 300 евра + забрана за управување (3-12 месеци).
  • Над 50 km/h (на отворено): 400 евра + 4 поени + забрана (мин. 1 година).
  • Во населено место (драстично пречекорување): Казните одат до 500 евра.

Останати прекршоци:

  • Црвено светло: 250 евра + забрана за управување (3-12 месеци).
  • Истечена регистрација: 100 евра за возачот + 250 евра за сопственикот.
  • Паркирање: Од 30 до 50 евра (најскапо е ако сте на место за инвалиди).

Правило „Три грешки“

Законот предвидува строга мерка за повторувачите. Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола и ќе може повторно да полага најрано по една година.

Ако казната се плати во рок од 8 дена, се плаќа само половина од износот.