Битолската „Зимска приказна“ вечерва добива ново, динамично поглавје. Од денес, 26 декември, па сè до 30 декември, улиците на Битола ќе ги обиколува Празничниот автобус – подвижна сцена која носи електронска музика и уникатна празнична енергија директно до граѓаните.
Бесплатно возење и забава: Автобусот ќе сообраќа секоја вечер од 21:00 до 23:00 часот на редовната линија бр. 1 (почетна станица кај Спортската сала). Наместо вообичаена тишина, патниците ќе уживаат во светлосни ефекти и диџеј сетови во живо:
- 26.12 – T-Zobe | 27.12 – Jakov | 28.12 – Acika | 29.12 – Berryqyat | 30.12 – Boca.
Пет години магија низ целиот град – Јубилејното петто издание на „Зимска приказна“ е најголемиот зимски фестивал во Македонија. Со над 200 часа програма на 8 локации – од Магнолија и Широк Сокак до Пелистер – фестивалот годинава вклучува повеќе од 67 бендови, 20 изведувачи и голем број училишта и градинки.
„Ова не е настан што расте само по бројки, туку по доверба и заедништво. Создадовме атмосфера која не се купува, туку се гради“, порачуваат од Општина Битола. Празничната магија под Пелистер продолжува со полна пареа сè до 5 јануари.