Викендов мерните станици во Битола повторно „поцрвенуваа“. Градот под Пелистер се соочува со драматично високи концентрации на штетни ПМ честички, кои го вклучија алармот за опасност по здравјето на граѓаните.
Додека битолчани викендот го поминаа затворени во своите домови, бегајќи од отровниот воздух кој, како што велат, им го отежнува секојдневието, експертите и граѓаните имаат различни теории за тоа кој е главниот виновник.
Експерти: Влажните дрва се најголемиот проблем
Иако граѓаните прстот често го вперуваат кон РЕК Битола и густиот сообраќај, експертите предупредуваат на еден друг, „домашен“ непријател – квалитетот на огревното дрво. Според анализите, најголем проблем претставува преголемата влажност на дрвата што домаќинствата ги користат за загревање. Согорувањето на влажно дрво емитува енормни количини на штетни честички во атмосферата.
Податоците од истражувањето на здружението „Геосфера“ ја потврдуваат доминацијата на овој енергенс во Пелагонискиот регион:
- 45% од граѓаните се греат на шпорет или котел на дрва.
- 38% користaт инвертери или клима уреди.
Иако трендот на греење на дрво опаѓа во споредба со минатото, тоа сè уште го држи приматот, особено во услови на енергетска криза.
Граѓаните: Автомобилите и индустријата нè трујат
Спротивно на експертските наоди, перцепцијата на граѓаните е поинаква. Во анкетите, тие како најголеми загадувачи ги посочуваат автомобилите и индустриските капацитети. Револтирани од состојбата, бараат итни мерки бидејќи воздухот стана неподнослив.
Од локалната самоуправа на Битола реагираат на алармантната состојба со најава за засилени инспекциски контроли на терен и воведување на дополнителни мерки за намалување на загадувањето во критичните денови.
