Бизарна трагедија пред почесен концерт на АББА

Двајца мажи загинаа кога еден од нив скокнал и паднал на другиот од седмиот кат на културниот центар во Шведска пред почесниот концерт на групата АББА, соопшти полицијата.

80-годишниот маж кој синоќа падна во фоајето на концертната и конгресната сала во Упсала во близина на Стокхолм почина на лице место, а 60-годишниот врз кој паднал подоцна им подлегнал на повредите, соопшти полицијата.

Една жена која била со 60-годишникот е повредена, но не била опасна по живот, додаде полицијата.

Концерт во чест на двајцата машки членови на групата АББА, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон, е планиран за вторник навечер во тој културен центар, но настанот е откажан, објавија шведските медиуми.

АББА денеска во порака на Твитер напиша дека објавувањето на трејлерот за промотивниот концерт на групата го одложува за утре поради „трагичните вести од почесниот концерт синоќа во Шведска“.

Трагичниот настан се случува непосредно пред планираното објавување на новиот албум на ABBA по повеќе од 40 години, на 5 ноември. Новиот албум „Voyage“ ќе го следи албумот „The Visitors“ од 1981 година, кој досега беше лебедова песна на шведската група.

Културниот центар во Упсала е домаќин на концерти и други состаноци во осумкатна зграда со огледална фасада и метални плочи кои личат на кристал. На веб-страницата на центарот е наведено дека од денеска до петок ќе биде затворен поради смртни случаи.

„Сите сме шокирани од трагичната несреќа и нашите мисли се со починатите, нивните роднини и семејства“, се наведува на веб-страницата.