Индустриската зона Визбегово според податоците од анализата на Стопанската комора на Северозападна Македонија претставува важна зона за функционирањето и развојот на домашната економија. Според извршените анализи, недостигот од инфраструктура го попречува натамошниот развој. Бизнисмените се жалат од недостиг на канализациона мрежа и водовод, електрична енергија и патна инфраструктура.
„Важно е да се прави бизнис во оваа зона и да бидеш конкурентен. Ние денес почнуваме нова етапа по затворањето на спорот со името и дај Боже наскоро да станеме членка на НАТО и ЕУ. Јас прашувам како ќе бидеме конкурентни на големи брендови на ваков начин како што сме организирани, од општествен аспект и колку сме во можност да бидеме конкурентни на пазарот“, изјави Таип Јакупи – бизнисмен.
На прашањето колку влијаела таксата од 100% што ја воведе Косово кон српските производи, врз македонската економија, Дриљон Исени од СКСЗМ рече дека има мала разлика. Но и тој вели дека со подобрување на инфраструктурата, како што е изградбата на автопатот Скопје-Блаце, ќе се олесни протокот на транспортни средства.
„Според статистичките податоци некаде кон крајот на годината се гледа голем потенцијал кој не е искористен на пазарот во Косово од нашите домашни компании, и ние како Комора имаме кажано дека ова е аларм за Владата на Македонија да ги забрза работите од аспект на изградба на инфраструктурата, односно во трансформација на патот Скопје – Блаце, кој ќе го олесни движењето на средства, капитал и услуги“, додава Дриљон Исени – извршен директор на СКСЗМ.
Според анализата на СКСЗМ, индустриската зона Визбегово во БДП учествува со околу 3,4%. Во компаниите од оваа зона вработени се околу 2800 работници, и за период од 5 години бројката се очекува да порасне на 3100. Во оваа зона функционираат околу 300 компании, а најголемиот дел од нив се занимава со трговија. Според СКСЗМ,поради лошите услови во последните 5 години во индустриската зона Визбегово згаснале 139 компании.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ