Пред главниот влез на цементарницата „Титан Усје“ денеска се одржа мирен граѓански собир под мотото „Без Усје полесно се дише“. Активистите од иницијативата „Стоп за Усје“ преку креативен отпор ги упатија своите барања за итно решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје, посочувајќи ја фабриката како еден од главните виновници.
Музика и протест: Отпорот може да биде културен
Настанот, симболично наречен „Блокадафест“, беше замислен како спој на протест и уметност. Со присуство на ди-џеи и преку креативни работилници посветени на загадувањето, присутните испратија порака дека револтот може да се изрази гласно, но достоинствено.
„Ова не е само блокада. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен… Да покажеме дека знаеме гласно, но културно да ги искажеме нашите барања“, порачаа организаторите.
Што бараат граѓаните?
Активистите потенцираа дека здравјето на граѓаните не е предмет на преговарање. Нивните клучни барања до институциите се:
- Итни инспекциски контроли на индустриските капацитети.
- Целосна транспарентност на мерењата на квалитетот на воздухот.
- Јасна стратегија за намалување на индустриското и урбаното загадување.
- Институционална одговорност за досегашното непреземање доволно мерки.
Одговорот на „Титан Усје“: Работиме по закон и инвестираме во екологија
По повод протестот, се огласија и од компанијата „Титан Усје“. Тие нагласуваат дека работат како одговорна компанија веќе седум децении и дека заштитата на животната средина е нивна основна вредност.
Од фабриката тврдат дека целосно ги почитуваат законите и барањата од нивната А-Интегрирана еколошка дозвола.
„Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи… Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, се вели во писмената реакција на компанијата.
Дополнително, од „Титан Усје“ посочуваат дека во изминатите 15 години инвестирале над 29 милиони евра во одржливо производство и напредни еколошки технологии, а до 2029 година планираат дополнителни инвестиции од 3 милиони евра во оваа област.
