Денеска е Божиќ, еден од најважните православни празници на кој се слави раѓањето на Исус Христос.
Овој празник се слави три дена, а божиќното утро почнува така што рано в зори се слушаат камбаните од сите православни цркви и храмови, се облекува свечена облека и се оди во црква на божиќна литургија.
Луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди“ и „Вајстина се роди“.
Утрото на Божиќ се појадувa од Бадниковата трпеза, којашто потоа се раскрева. Од овој ден се прекинуваат божиќните пости и веќе може да се мрси. Семејствата со помали деца наутро после појадокот се приготвуваат и заминуваат на гости кај своите најблиски.
Стари обичаи и верувања за Божиќ
Ако на Божиќ врне, се верува дека ќе вроди со плод сè што ќе биде копано со мотика.
Во некои краеви веруваат дека ќе има многу мед во текот на годината ако бадникот фрла искри сам од себе.
За Божиќ е убаво да се подновиме со нешто.
Пред јадење домаќините истовремено треба да ги соблечат чевлите бидејќи се верува дека поради тоа жените побрзо се породуваат, кравите се телат, а овците се објагнуваат.
Во некои краеви се верува дека божикната свеќа не треба да се гаси со дување, туку со леб натопен во вино.
На Божиќ човек не треба да се опие бидејќи се смета дека ќе биде пијан цела година.
Сè што ви задавало мака преку годината, треба да го направите утрото на Божиќ и тоа веќе нема да ви биде проблем.
