Европската комисија отвори истрага против кинеската платформа за онлајн продажба Тему, осомничена за недоволна акција против продажбата на нелегални и потенцијално опасни производи.
„Сакаме да бидеме сигурни дека производите што се продаваат (на платформата Тему) ги почитуваат нормите на ЕУ и не ги изложуваат потрошувачите во ризик“, рече во соопштението на Европската комесарка за конкуренција Маргарет Вестагер.
Не е одреден законски рок за завршување на таа истрага.
Доколку Тему биде прогласен за виновен за прекршоци, тој може да биде казнет до шест отсто од годишната продажба, според новите европски регулативи за дигитални услуги.
Компанијата Тему, која бележи брз раст во Европа благодарение на намалените цени, е меѓународна верзија на големата кинеска платформа за е-трговија Pinduoduo, формирана во 2015 година. Нуди огромен број производи од облека, играчки, украси, алатки до висока технологија.
Групата вети дека ќе соработува тесно со Европската комисија.
„Тему многу сериозно ги сфаќа своите обврски поврзани со регулативите околу дигиталните услуги и постојано работи на заштита на интересите на потрошувачите. Целосно ќе соработуваме со регулаторните тела“, изјави портпаролот на компанијата.
Почетокот на бриселската истрага следеше по неколку предупредувања и писмени барања испратени до таа платформа.
Тој ќе се однесува на системите воспоставени за ограничување на продажбата на производи кои не се во согласност со регулативите на ЕУ, а особено на средствата што се применуваат за да се спречи повторното појавување на непожелни трговци кои претходно беа суспендирани, објасни Европската комисија.
Европската комисија, исто така, ќе ги испита ризиците поврзани со „концептот за зависност од услуги“ на онлајн продажбата, вклучително и програми за наградување базирани на игри кои можат да имаат „негативни последици за физичката и менталната благосостојба на корисниците“.
Комисијата, исто така, ќе ги разгледа системите за препораки за кориснички производи и обврските на Тему да ги открие главните параметри што се користат во тие системи.
Европската комисија, исто така, се сомнева дека Тему не ја почитува обврската да обезбеди; пристап на иследниците до податоците на таа платформа.
Европските здруженија на потрошувачи поднесоа жалба против Temu во мај, обвинувајќи ја дека користи погрешни реклами за да ги охрабри корисниците да трошат повеќе на платформата.
На 11 октомври компанијата објави дека веќе презела значителни мерки од пролетта и нагласи дека ќе продолжи да ги „подобрува“ своите практики во рамките на „регулацијата на дигиталните услуги“.
На крајот на септември, шест земји од ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, побараа од Комисијата да ги заостри регулативите во врска со оваа тема.
„Секојдневно овде пристигнуваат стотици илјади пакети, главно од Кина, со стоки што не се во согласност со прописите на европскиот пазар“, изјави германскиот државен секретар за економија Свен Гиголд на средбата со своите колеги од ЕУ во Брисел.