Британија оди на избори – Што треба да направи актуелниот премиер ако загуби?

Националните избори во Велика Британија ќе се одржат на 4 јули, а анкетите на јавното мислење покажуваат дека 14-годишното владеење на конзервативците би можело да заврши.

Британија е поделена на 650 изборни единици, а гласачите можат да изберат еден од кандидатите за парламентот, кој обично претставува голема политичка партија. За да се формира влада потребно е да се освојат најмалку 326 пратенички места, по што лидерот на победничката партија формира влада и станува премиер.

Во случај ниту една партија да не го освои потребниот број пратенички места, актуелниот премиер останува на власт и се обидува да формира коалиција или малцинска влада. Доколку не се формира коалиција, што не е вообичаено во Британија, премиерот може да препорача да биде поканет лидерот на најголемата опозициска партија да формира влада.

Доколку актуелниот премиер загуби, тој оди кај монархот, каде му нуди оставка откако ќе се договори за следната влада. Новиот премиер потоа се среќава со кралот, кој бара од него да формира влада, на церемонија која традиционално се нарекува „бакнување на раце“, иако од модерните премиери веќе не се очекува да ја бакнуваат раката на монархот.

Речиси 50 милиони Британци имаат право на глас, а гласањето може да се врши лично, по пошта или преку посредник, наведува Ројтерс. Анкетата на ЈуГов во април покажа дека лабуристите се очекува да освојат 403 места, а конзервативците 155, додека анкетите генерално укажуваат на водство на лабуристите од најмалку 20 поени.

Конзервативците во моментов заземаат 344 пратенички места, а лабуристите 205, пренесува Танјуг.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното