Свет

Британија прати маринци да го запрат Мадуро: Воениот брод заминува за Гвајана, чиј регион богат со нафта и злато беше цел на ВЕНЕЦУЕЛА

Британија прати маринци да го запрат Мадуро: Воениот брод заминува за Гвајана, чиј регион богат со нафта и злато беше цел на ВЕНЕЦУЕЛА

Обединетото Кралство се подготвува да испрати воен брод во Гвајана за да покаже дипломатска и воена поддршка за поранешната британска колонија, дознава Би-Би-Си.

Се вели дека одлуката на Лондон уследила по обновените тврдења на соседна Венецуела дека е сопственик на спорниот дел од територијата на Гвајана, која е богата со нафта и руда.

Британското Министерство за одбрана потврди дека „ХМС Трент“ по Божиќ ќе учествува на заеднички воени вежби.

Гвајана, членка на Комонвелтот, се вели дека е единствената земја од англиско говорно подрачје во Јужна Америка.

ХМС Трент, крајбрежен патролен брод, беше испратен на Карибите за да лови шверцери на дрога, но откако Венецуела се закани на почетокот на овој месец дека ќе го анектира регионот Есекибо во Гвајана, бродот доби нова задача.

Овие закани ги зголемија стравувањата дека Венецуела би можела да ја нападне и да ја започне првата меѓудржавна војна во Јужна Америка по војната на Фолкландските Острови меѓу Велика Британија и Аргентина во 1982 година.

Би-би-си известува дека Венецуела долго време има право на Есекибо, регион од околу 158.000 квадратни километри кој опфаќа две третини од Гвајана.

Ридовите и џунглите на Есекибо се полни со наоѓалишта на злато, дијаманти и боксит, додека на брегот на овој регион се пронајдени големи резерви на нафта.

Додека економијата на Гвајана забрзано зајакнува, Венецуела се бори.

Се потсетува дека Николас Мадуро, венецуелскиот претседател, организираше референдум на 3 декември за да ја потврди поддршката на народот за контролата на неговата земја над Есекибо.

Се вели дека резултатот од тој референдум е оспорен, но Мадуро сепак објави нови мапи и закони кои покажуваат дека Есекибо сега е дел од Венецуела.

Мадуро назначи и гувернер на областа и им понуди венецуелски лични карти на луѓето што живеат во ретко населената област, а исто така и нареди на државната нафтена компанија да издава дозволи за вадење нафта.

По сето тоа, Мадуро се сретна со Ирфан Али, претседателот на Гвајана, и иако се договорија да не користат сила во овој спор, двајцата лидери останаа на своите територијални претензии.

Би-би-си јавува дека „ХМС Трент“ има екипаж од 65 луѓе, максимална брзина од 24 јазли и домет од 5.000 наутички милји.

Овој брод е вооружен со топ од 30 мм и носи британски кралски маринци.

Хеликоптери и беспилотни летала Мерлин можат да полетаат од ХМС Трент.

Венецуела ја оспорува границата, која беше воспоставена со меѓународен договор во 1899 година.

До 1966 година и прогласувањето на независноста, Гвајана се нарекувала Британска Гвајана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни