Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави дека бројот на нови случаи на грип и заболувања слични на грип во периодот од 2 до 8 февруари бележи намалување од 12,8% во споредба со претходната недела. Вкупно се регистрирани 1.306 нови случаи.
Најголем дел од заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (715 случаи), а следуваат децата на возраст од 5 до 14 години со 228 случаи, децата од 0 до 4 години со 184 случаи, и лица над 65 години со 179 случаи. Највисока инциденца, од 190,6 на 100.000 жители, е забележана кај најмалите деца на возраст од 0 до 4 години.
Според регионите, најмногу заболени се пријавени во Скопје – 543, следуваат Прилеп – 146, Тетово – 110, Струмица – 82, Битола – 76 и Гевгелија – 56. Во голем број општини бројот на заболени е под 30, а во Делчево, Валандово и Пробиштип не се пријавени случаи.
Во текот на сезоната на грип досега се регистрирани четири смртни случаи поврзани со ова заболување. ИЈЗ апелира до граѓаните да продолжат со превентивни мерки, вклучително редовно миење раце и користење маски при симптоми на настинка или грип.
