Свет

Бројот на загинати во експлозијата во иранското пристаниште се искачи на 14, а шест се водат како исчезнати

Бројот на загинати во експлозијата во иранското пристаниште се искачи на 14, а шест се водат како исчезнати

Бројот на жртвите од силната експлозија во пристаништето Шахид Раџаи во близина на градот Бандар Абас во јужен Иран се искачи на 14, а 750 се повредени, јави државната новинска агенција ИРНА.

Некои од повредените се во тешка состојба, шест лица се водат како исчезнати.

Експлозијата, чиј ударен бран се почувствува во радиус од 50 километри, предизвика значителна штета и на пристанишната инфраструктура.

Според извештаите на медиумите, дополнителни детали за експлозијата, особено причината и точниот број на жртви, ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата, соопштија властите.

Пристаништето Шахид Раџаи се наоѓа во една од важните економски зони во Иран, каде се обработува над една третина од поморската трговија во земјата, забележува ДПА.

Владината портпаролка предупреди на предвремени шпекулации во печатот.

„Мораме да се држиме до официјалните информации и да не шириме шпекулативни извештаи“, изјави портпаролката Фатемех Мохаџерани за ИРНА, додавајќи дека мора да се чекаат резултатите од темелната истрага за причините за експлозијата.

По инструкции на претседателот Масуд Пезешкијан, двајца министри сега се на терен за да ја проценат ситуацијата заедно со експерти, додаде портпаролката.

Претходно, Хосеин Зафари, портпарол на иранската Организација за управување со кризи, за ИРНА изјави дека експлозијата била предизвикана од неправилно складирање на контејнери со хемикалии. Сепак, портпаролот на иранската влада изјави дека се уште не може да се утврди точната причина за инцидентот.

Царинските службеници во пристаништето рекоа дека во дворот за контејнери каде што се случи експлозијата најверојатно имало „опасни материи и хемикалии“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни