Тајландските власти започнаа опсежна истрага за причините за катастрофалниот пожар што избувна во бар во Бангкок, при што животот го загубија најмалку 30 лица, а повеќе од 70 се повредени. Во фокусот на истрагата се можни сериозни пропусти во безбедносните мерки, откако преживеани сведочеле дека дел од излезите биле заклучени, а немало ниту јасно означени патеки за евакуација.
Полицискиот генерал Китират Фанфет изјави дека досегашните сознанија упатуваат на недостаток на претпазливост и сериозно занемарување на безбедноста на посетителите.
Според полицијата, пожарот започнал во близина на сцената, а постои сомнеж дека лесно запаливите материјали користени за декорација придонеле пламенот за само неколку секунди да го зафати целиот локал.
Спасувачките екипи пронашле голем број од жртвите во тоалетите на крајот од барот, каде што, според истражителите, се обиделе да најдат излез, но останале заробени.
До вторникутро биле идентификувани 27 од загинатите, додека повеќе од 70 лица се повредени, од кои 24 се во критична состојба. Прелиминарните резултати од истрагата покажуваат дека пожарот најверојатно бил предизвикан од краток спој во клима-уред, по што електричната енергија веднаш била прекината во целиот објект.
Посетители кои претходно престојувале во барот сведочат дека просторот бил слабо осветлен и дека излезите не биле јасно означени. Експертката за противпожарна безбедност Бусакорн Саенсук, по увидот на местото на трагедијата, утврдила дека една врата во близина на тоалетите била заклучена, а двете главни влезни врати биле делумно блокирани со мебел и други предмети.
Таа нагласила дека доколку сигнализацијата за итни излези била функционална, посетителите можеби навреме ќе забележеле дека вратата е заклучена и ќе успееле да ја отворат. Дополнително, сцената била украсена со пластични цвеќиња и други лесно запаливи материјали, додека таванот бил обложен со запалива пена.
Преживеаните раскажуваат дека огнот за неколку секунди ја проголтал сцената. Во трагедијата загинале и двајца членови на тајландскиот инди-бенд „Тотсакан“, кој настапувал во моментот кога избувнал пожарот.
Професорот по градежно инженерство Ворсак Канок Нукулчаи смета дека голем дел од жртвите најверојатно починале од вдишување токсичен чад уште пред пламенот да ги зафати.