Бројот на жртви во железничката несреќа во Шпанија се искачи на 41

Службите за спасување пронајдоа уште едно тело во еден од вагоните на возот што се судри во неделата во близина на Адамуз, кај Кордоба, со што бројот на жртви се зголеми на 41, пренесува „El Pais“.

Службите за спасување беа на терен цела ноќ и продолжуваат да ги пребаруваат остатоците од вагоните, а исто така продолжува и идентификацијата на загинатите.

Според шпанските медиуми, постојат 43 пријави за исчезнати лица, иако некои можеби се однесуваат на истите лица, пренесува RTS.

Во судирот на возовите повредени се повеќе од 150 лица, а 39 лица се хоспитализирани, од кои 13 се на интензивна нега.

Во меѓувреме, пругата се испитува внимателно за да се утврди причината за трагедијата.

Медиумите претходно објавија дека експертите на местото на несреќата откриле скршена и истрошена спојница на шините, позната како спојна плоча, која подолго време била оштетена.

Според „Ројтерс“, оштетената спојница создала јаз помеѓу деловите на шината кој со текот на времето се зголемувал со минувањето на возовите, а техничарите веруваат дека токму тој дефект е клучен за утврдување на точната причина за несреќата.

Пругата на која се случила несреќата била реновирана во мај минатата година, иако синдикатот на машиновозачите претходно ги предупредувал железничкиот оператор ADIF за проблемите со истрошеност на брзите пруги, вклучувајќи ја и оваа делница.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој в понеделник го посети местото на несреќата, изјави дека властите „ќе дојдат до целосната вистина“ за причините за трагедијата, со целосна транспарентност кон јавноста.

Шпанскиот министер за сообраќај Оскар Пуенте изјави дека брзиот железнички сообраќај до Андалузија најверојатно повторно ќе започне на 2 февруари.

Во меѓувреме, е воведен алтернативен оперативен транспортен план кој ќе овозможи сообраќај на брзите пруги помеѓу Мадрид и Андалузија, иако делницата меѓу Виљанува де Кордоба и Кордоба ќе се превезува со автобуси, со цел да се избегне поминување низ местото на несреќата.

Шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција денес ќе го посетат местото на несреќата.

Денеска во Шпанија започна тридневна жалост.