Владата на Лујека побарала информација од службите за камионот за кој Русија тврди дека го разнел на мостот Керч и дека дошол од Бугарија, потврди за БТА портпаролот на кабинетот Антон Кутев.
„Инспекции вршат и Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и МВР. Треба да видиме какви ќе бидат резултатите“, истакна Кутев.
Шефот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин, вчера на јавно телевизиска средба со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека камионот патувал по рута која почнува од Бугарија пред да се разнесе на мостот што ја поврзува Русија со анектираниот украински полуостров Крим.
„Претседателот Румен Радев мора да даде јасен одговор зошто Бугарија е присутна во информациите изнесени од руска страна за експлозијата на мостот на Крим“, повика денеска Извршното биро на БСП во ставот што го дистрибуираше партискиот прес-центар.
Темата ја коментираше и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој изјави дека во случајот не може да стане збор за „бугарска трага“.
„Мене, кога би бил на позицијата на руските служби, би ме интересирало не од каде е камионот, туку каде е натоварен“, нагласи Борисов.
Портпаролот на Европската комисија истакна дека на ништо кажано од руските истражни служби не може да му се верува, вклучително и информациите дека предметниот камион ја напуштил Бугарија и поминал низ Грузија, Ерменија и Северна Осетија пред да пристигне во рускиот регион Краснодар.
„Слушаме толку многу извештаи од Москва и таканаречените официјални извори кои не заслужуваат никаков коментар“, рече портпаролот на ЕК на прес-конференција, додавајќи: „Немаме начин да знаеме што се случило во саботата на мостот, што доведе до експлозија, кои се причините. Го знаете кредибилитетот на толку многу таканаречени „истраги“ во Русија. Не би имал ни трошка верба во тоа што го велат“.
„Потсетувам дека Крим е дел од Украина, а мостот Керч е нелегален објект што ја поврзува украинската земја со Русија без никакво одобрение од легитимните украински власти“, нагласи портпаролот на ЕК.
Тој, исто така, ги осуди тековните руски напади врз цивилни цели во Украина и ја предупреди Белорусија против нејзините обиди да ги ескалира тензиите долж украинската граница.