Бугарија успешно пласираше нов надворешен долг од 3,2 милијарди евра на меѓународните пазари на 15 јули 2025 година. Оваа емисија на обврзници, прва по добивањето одобрение за влез во еврозоната, беше реализирана под поволни услови благодарение на зголемениот кредитен рејтинг на земјата и големиот интерес на инвеститорите.
Министерството за финансии на Бугарија ја структурираше новата должничка емисија во две транши. Првата транша се состои од 10-годишни обврзници во вредност од 2 милијарди евра со годишен купон од 3,375%. Втората транша е во вредност од 1,2 милијарди евра со рок на доспевање од 20 години и каматен купон од 4,125%.
Пласманот предизвика исклучително висок интерес кај инвеститорите, при што вкупните понуди надминаа 13 милијарди евра, што е повеќе од четири пати над понудениот износ. Силната побарувачка овозможи намалување на цената на финансирањето. Според агенцијата „Блумберг“, нарачките за 10-годишните обврзници достигнаа 8,3 милијарди евра, а за 20-годишните 5,5 милијарди евра.
Успешната емисија е директно поврзана со позитивните вести за приемот на Бугарија во еврозоната од 1 јануари 2026 година. Ова доведе до зголемување на кредитниот рејтинг на земјата од страна на водечките меѓународни агенции како Standard & Poor’s, Fitch Ratings и Scope Ratings, што го зголеми поверениетo на инвеститорите.
Ова е втор излез на Бугарија на меѓународните пазари на капитал во 2025 година, по емисијата од 4 милијарди евра во април. Пазарниот аналитичар Николај Ваньов коментира дека иако емисијата е успешна и условите се добри, зачестените задолжувања се одраз на зголемените буџетски дефицити и потребата од фискална консолидација.
Новиот долг е во рамките на максималниот износ предвиден со Законот за државен буџет на Република Бугарија за 2025 година, кој изнесува 18,9 милијарди лева. Собраните средства ќе се користат за рефинансирање на постоечкиот долг, финансирање на планираниот буџетски дефицит и обезбедување на ликвидноста на фискалната резерва.
