Македонија

„Бугарската црква го оцрни македонскиот народ, грешка беше што побаравме да ни биде црква-мајка“, вели Митрополитот Агатангел

„Бугарската црква го оцрни македонскиот народ, грешка беше што побаравме да ни биде црква-мајка“, вели Митрополитот Агатангел

Синодот на Бугарската православна црква го прифати томосот со кој Српската црква и даде автокефалност на Македонската православна црква, но не го прифати името Охридска архиепископија и порача прашањето за името да се реши во дијалог со другите православни цркви, а архиепископот г.г. Стефан ќе го спомнува како „блажениот Стефан Архиепископ на Северна Македонија“.

За митрополитот Повардарски, господин Агатангел, овој чекор бил очекуван, односно не очекувал никогаш да ја признаат МПЦ како Охридска архиепископија.

Тој за А1он истакна дека овој потег нема да смени многу во православниот свет затоа што очекува сите православни цркви, освен грчката, да ја признаат МПЦ како Охридска архиепископија.

„Знаев дека нема да не признаат под вистинското име, но не ни очекував да направат нешто поразлично. Ова е оцрнување на македонскиот народ. Ние во 1958 година ја возобновивме Охридската архиепископија. Ако била нивна како што тврдат, требало да ја подигнат. Ова нема да допринесе за развивање на нашите односи. Но, ова го направи политиката која не понижи како народ. Веќе не знам кого да обвинам“, вели тој.

Митрополитот Повардарски смета најголемата грешка за лошите односи со Бугарската црква е направена во 2017 година кога Светиот синод на МПЦ испрати писмо до Бугарската православна црква во кое побара од неа да и биде црква-мајка ако ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА.

„Тука е грешката. Можеби била добронамерна одлуката, но политиката замеша прсти тогаш“, рече г. Агатангел.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни