Бујар Османи со став дека потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, не е оној преку кој комуницираат коалициските партиите, а неговите обвинувања ги нарече „индивидуални ставови“ кои воопшто не можат да влијаат врз односите на двете партии. Според него, коалициските партнери и понатаму имаат добри односи.
-Нашите односи ги базираме врз договорените меѓусебни начела меѓу двете партии, начелата дефинирани меѓу лидерите на двете партии. Притисокот кој вие го спомнавте не е притисок кој ги претставува ставовите на СДСМ кон нас. Ние имаме разни форми преку кои ги објавуваме ставовите меѓу двете политички партии, а тоа се лидерите на партиите. Јас сум со генералниот секретар на партијата, така што ова се формални методи на комуникација. Другите повеќе се за социјалните мрежи отколку да ја одразуваат динамиката на односите меѓу нас – рече Османи.
Оваа изјава, вицепремиерот за европски прашања ја даде по средбата со министерката за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни работи, Натали Лоазо. Меѓу другото, француската министерка го поздрави членството на Македонија во НАТО и изрази поддршка за нејзиниот пат кон ЕУ.
-Задоволство е да сум тука во овој момент кога вашата земја успеа да ги надмине споровите со соседите, во момент кога Република Северна Македонија, благодарение на Преспанскиот договор, но и политичката храброст на политичарите успеа да направи еден исчекор, но, и во моменти кога вие ќе се зачлените во НАТО, и вашето знаме ќе се вее во седиштето на НАТО во Брисел. Во однос на европската перспектива на Северна Македонија, сакам да кажам дека за нас нема никакво сомнение, ниту во историски, ниту во географски аспект дека целата територија на Западен Балкан треба да пристапи кон ЕУ – изјави Лоазо.
Европската министерка, Лоазо, вели дека Европа има потреба од стабилен Западен Балкан, посветен на реформи, исто како што на балканските земји им е потребна силна Европа.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ