Продолжува проблемот со централното греење во населбата Скопје Север. Температурите одат до минус 3 степени а жителите од оваа страна на Скопје останаа без греење. Нехат Демири е фризер. Неговиот дуќан е на улица Џон Кенеди, кај зградите кои немаат греење. Тој вели дека неговите клиенти се жалат дека е студено.
„Клиентите се жалат бидејќи нема греење. Причината е тоа што општината ги нема платено сметките за гас. За сега, некои користат разни методи за греење, имаат преземено разни мерки само за да имаат греење“, изјави Нехат Демири.
Љупчо кој дошол за потстрижување, вели дека домаќинствата се исклучени од централното греење поради високите сметки.
Најалармантна е состојбата во училиштата, бидејќи учениците губат од наставата. Уште вчера Општина Чаир и Бутел информираа дека основните училишта Исмаил Ќемали, 7 Март, Васил Главинов, Пенко ќе ја прекинат наставата. Уште неколку детски градинки исто така денеска беа затворени. Куштрим Ала, портпарол на општина Чаир рече дека Топлификација Скопје Север е пред стечај.
Куштрим Ала, Портпарол на Општина Чаир
„Топлификација Скопје Север е во тешка финансиска криза. Извор на проблемот е фактот дека од топлификација се исклучени голем број граѓани поради скапата тарифа која ја нуди Топлификација со години наназад. Вистина е дека општина Чаир има долг кон Топлификација Скопје Север, но овој долг се однесува само на услугите кои оваа топлификација ги понудила во основните училишта“, изјави Куштрим Ала, Портпарол на Општина Чаир.
И од општина Бутел велат дека состојбата е алармантна.
Од управата на Топлификација Скопје Север велат дека прекинот е поради тоа што не успеале да обезбедат гаранција за исплата кон снабдувачот Макпетрол Пром Гас, од каде инсистираат да се обезбеди гаранција за исплата на обезбедените количини.
Репортер: Африм Јонузи
