Македонија

Чавков до изрекување на пресудата ќе мине во „Шутка“, неговиот адвокат вели: „Ќе има екстремна казна“

Поради сомнеж дека има план да избега, екс директорот за Јавна Безбедност, Митко Чавков е испратен во притвор во „Шутка“. Оваа мерка Основниот суд Скопје ја изрече откако Обвинителството за организиран криминал и корупција добило информации дека обвинетиот за настаните од 27 април ќе избега и се крие со цел да избегне кривична одговорност. 

Исто како министерот, и Основното Обвинителство е резервирано во своите одговори. Не кажуваат каде и со чија помош сакал да избега Чавков и дали постои сомнеж за некој друг обвинет да планира бегство. Обвинителството не открива детали, но ќерката на Чавков, Зорица Чавкова, на нејзиниот Фејсбук профил го објави документ во кој пишува:

“До обвинителството од страна на МВР БЈБ СВР Скопје ЕПОИ – Алфа доставена е службена белешка бр. 28. 2 – 1057 од 12.03.2019 година, видно од која е дека обвинетиот Митко Чавков кој поседува вила на Халкидики Р. Грција планира да се даде во бегство пред денот кога е закажано рочиштето за објавување на пресудата“.

Чавкова негира дека нејзиното семејство има вила во Грција. Така тврди и адвокатот на обвинетиот. Тој вели дека Чавков нема пасош, а како гаранција дека нема да избега депонирал имот и недвижнини во вредност од 600 илјади евра кои ќе ги изгуби доколку избега од земјава.

Во петок ќе биде одржано последното судско рочиште за настаните од 27 април, кога ќе биде изречена пресудата.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни