По неуспешниот прв обид, набавката на електрични автобуси за јавниот превоз повторно е во фаза на евалуација. На повторениот тендер пристигнале четири понуди од компании кои се заинтересирани за испорака на новата еколошка автобуска флота за Скопје и други градови во земјава.
Информацијата ја соопшти министерот за транспорт Александар Николоски, кој најави дека извештајот од комисијата за евалуација ќе биде доставен во понеделник, по што јавноста ќе биде информирана за резултатите од постапката.
„Утрово добив информација дека извештајот ќе го добијам во понеделник. Аплицираа четири компании, а во понеделник јавно ќе ја информираме јавноста со извештајот и наодите во него“, изјави Николоски.
Тој изрази надеж дека овој пат постапката ќе биде успешна и дека ќе следи реализација на набавката, посочувајќи дека претходните искуства треба да бидат поука за сите учесници во процесот.
Понудите на компаниите ги разгледува комисија за евалуација составена од експерти од Министерството за транспорт и Машинскиот факултет. Според најавите, по завршувањето на анализата ќе биде објавено која компанија ги исполнува условите и ќе биде избрана за реализација на проектот.
Новиот тендер беше распишан откако претходната постапка за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше прекината.
Од предвидените 150 автобуси, 100 се наменети за јавниот превоз во Скопје, додека останатите 50 треба да бидат распределени во други градови низ Македонија.
Проектот е дел од плановите за модернизација на јавниот превоз и намалување на загадувањето преку воведување возила со поеколошки погон.