Тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница однесе четири животи, откако камион со косовски регистарски таблички преминал во спротивната лента и директно се судрил со патничко возило. По силниот удар, двете возила се запалиле, а сообраќајот на дел од обиколницата бил во прекин повеќе часови.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила синоќа околу 23 часот на потегот меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.
Камион „ман“ со полуприколка, управуван од 76-годишниот Б.Б. од Косово, изгубил контрола, ја пробил заштитната ограда и преминал на спротивната коловозна лента, каде се судрил со автомобил „БМВ“ со скопски таблички, управуван од 51-годишниот Р.В. од Скопје.
Во несреќата животот го загубиле возачот на автомобилот Р.В., како и сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје. Загинало и уште едно лице, чиј идентитет засега не е утврден.
Од силината на ударот избувнал пожар, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Екипи на Итната медицинска помош констатирале смрт кај четирите лица, а по наредба на јавен обвинител телата се предадени на обдукција.
Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Поради увидот, сообраќајот на обиколницата бил во прекин повеќе од шест часа и се пренасочувал преку алтернативни патни правци. Сообраќајот бил целосно нормализиран утрово околу 5 часот.
ФОТО: Алсат