Дојде периодот од годината кога носот се претвора во „чешма“, а најчестaта причина за тоа е некој од митовите за кои сте верувале дека ќе ве „спасат“ од настинката.
Најстрашниот момент, кога се работи за здравјето, е што постојат многу „надрилекари“ и самоучени сèзнајковци, поради чии заблуди ние упорно мислиме дека ја правиме вистинската работа и потоа се чудиме како сме настинале. Еве со кои верувања треба да „расчистите“:
Витаминските пијалоци помагаат
Соковите во супермаркетите за кои тврдат дека се цеден портокал или лимон, се толку преработени, што во нив не останале скоро воопшто витамини. И, нормално, немаат никаков ефект. Оние кои веруваат дека им помогнале овие пијалоци, веројатно се жртва на „плацебо“ ефект. Подобро исцедете си сами дома сок од лимон, додадете вода и мед или направете чај.
Млечните производи повеќе ќе ве „затнат“
Некои луѓе избегнуваат млечни производи во овој период, бидејќи веруваат дека тие ќе им ги затворат дишните канали и носот. Вистината е дека за ова не само што не постои клинички доказ, туку е и докажано дека варено жешко млеко со мед е одличен лек против кашлица и за болно грло. Затоа, не ги заобиколувајте млечните производи кога сте настинати, бидејќи само можат да ви помогнат, особено поради нивното изобилство со скоро сите витамини.
Витаминот Ц ќе ја излечи настинката
Ова не е вистина. Ако веќе сте дошле до моментот да настинете, „клукајте“ се со витамин Ц колку ви душа сака, нема да ви помогне. Луѓето најчесто започнуваат да го земаат овој витамин во поголеми количини, кога ќе почувствуваат дека ќе се разболат, а тогаш веќе штетата е направена и не помага многу во превентива од настинката.
Ако е веќе имунитетот ослабен, витаминот Ц, без разлика во колкави количини се консумира, нема да го засили. Тој треба редовно да се консумира, во дневни дози до 200 милиграми, но кога ќе дојде периодот на настинки, а не кога веќе ќе почувствуваме дека се разболуваме.
Со мед против алергии
Многу луѓе мислат дека ако земаат мала количина на мед, дека ќе ги излечат алергиите кои предизвикуваат иритација на носот. Меѓутоа, никогаш не е пронајден клинички доказ дека ова е вистина.
Она што треба да го направите, доколку страдате од алергии, е да се консултирате со лекар кој ќе ви го посочи најдобриот начин како да се заштитите. Од друга страна, не велиме дека медот не е добар, напротив, можеби не лечи алергии, но природниот мед е здрав и се препорачува редовно земање.