Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и од поврзаните фирми „Флораком“ и „Луна“ денеска повторно излегоа на протест, кој се одржа од 10 до 12 часот на крстосницата пред седиштето на претпријатието. Тие веќе 14 дена ја чекаат исплатата на септемвриската плата, а не им се исплатени ниту јубилејни награди, регрес за годишен одмор, отпремнини за пензионирани работници и новогодишен додаток. Протестите ќе продолжат секој ден, од 9 до 11 часот, на истата локација.
Протестот го организира гранскиот Независен синдикат на државна администрација, во кој членува и синдикалната организација на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.
– Вработените имаат право и на бонус плата за прекувремена работа, но и таа не се исплаќа. Како грански синдикат ги упативме на сите законски постапки за реализација на нивните права преку протест и штрајк. Штрајкувачкиот одбор веќе го прогласи штрајкот и потоа го стави во мирување, во согласност со Законот за мирно решавање на работни спорови. Оставивме рок од 10 дена да започне мировниот процес, но досега немаме никаков контакт со градоначалникот, директорот или претседателот на Управниот одбор – изгледа нема волја за разговор, изјави Горан Ристески, претседател на гранскиот синдикат.
Тој информира дека вчера, согласно Колективниот договор, до раководството на претпријатието поднеле известување и предложиле тројца членови и тројца заменици за состав на мировен совет кој треба да се формира во рок од пет дена и да ги разгледа отворените прашања.
– Од понеделник можно е да преминеме на други облици на протест или штрајк, за што ќе одлучи штрајкувачкиот одбор. До тогаш, секојдневно ќе продолжиме со протестите. Од утре ќе блокираме само една сообраќајница, од 9 до 11 часот, за да не се попречува нормалното функционирање на градот. Граѓаните веќе плаќаат даноци и сметки за комунални услуги, и затоа не сакаме да им нанесеме дополнителни непријатности, рече Ристески.
Тој нагласи дека ЈП „Паркови и зеленило“ е јавно претпријатие основано од Град Скопје, кое не работи за профит, туку за јавен интерес, па затоа бараат градската власт итно да овозможи исплата на платите.