Македонија

Чифлигароски се предаде на граничниот премин „Свети Наум“ – тој е осомничен во случајот „Синџир“

Чифлигароски се предаде на граничниот премин „Свети Наум“ – тој е осомничен во случајот „Синџир“

Бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој е опфатен со истрагата во предметот „Синџир“, е лишен од слобода откако се појавил на граничниот премин „Свети Наум“.

Информацијата ја потврди Министерството за внатрешни работи, од каде соопштија дека на 22 септември, при влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода С.Ч. (44) од Охрид, со живеалиште во Битола.

Според МВР, за него била распишана централна потерница по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Чифлигароски е осомничен во кривична постапка за „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Тој беше недостапен за органите на прогонот и се водеше како еден од осомничените организатори на злосторничкото здружување во предметот „Синџир“.

Во рамки на истиот предмет, директори на компании поврзани со Чифлигароски беа осудени откако признаа вина за даночно затајување и перење пари.

Чифлигароски е бизнисмен од Битола и сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добивала милионски тендери од РЕК Битола. Компанијата подоцна заминала во стечај.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни