„Чистка“ во Стејт Департментот: Трамп повлекува 30 кариерни амбасадори – на списокот за враќање дома е и амбасадорот од Скопје

Администрацијата на Трамп повлекува речиси 30 кариерни дипломати од амбасадорски и други високи позиции во амбасадите ширум светот.

Според извори од Стејт Департментот, шефовите на мисиите во најмалку 29 земји минатата недела биле известени дека нивните мандати ќе завршат во јануари. На овој список на земји од Европа, експлицитно е наведена и Македонија.

Кој си заминува?

Сите овие дипломати ги презедоа своите функции за време на администрацијата на Бајден, но ја „преживеаја“ првичната чистка во раните месеци од вториот мандат на Трамп, која тогаш целеше главно кон политичките назначувања. Сепак, тоа се промени во средата, кога официјален Вашингтон почнал да испраќа известувања за нивно итно заминување.

Покрај Македонија, од европските земји на списокот за отповикување се и амбасадорите во Црна Гора, Ерменија и Словачка.

Стејт Департмент: Претседателот има право на „свои луѓе“

Стејт Департментот одби да коментира конкретни бројки или имиња, но ги бранеше промените, нарекувајќи ги „стандарден процес во секоја администрација“.

„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и право на претседателот е да се осигура дека во овие земји има поединци кои ја унапредуваат агендата ’Америка на прво место‘“, велат од Вашингтон.

Оние што се погодени од оваа рокада не ги губат своите работни места во надворешната служба, туку ќе се вратат во Вашингтон на други задачи, доколку сакаат да ги прифатат.

Најпогодена Африка, па Азија

Најголем број повлекувања има од африканскиот континент, каде се менуваат амбасадорите во дури 13 земји (вклучувајќи ги Нигерија, Сомалија, Руанда и Сенегал). Во Азија промени ќе има во шест земји (вклучувајќи ги Виетнам и Филипините), а на списокот се и Алжир, Египет, Непал, Шри Ланка, Гватемала и Суринам.

Оваа одлука за повлекување на искусни кариерни дипломати веќе предизвика загриженост кај дел од американските законодавци и синдикатот што ги претставува американските дипломати.