Македонија

Чулев: Владата денеска постапи силеџиски и ќе поднесам кривична пријава, денешната седница беше доказ дека коалицијата ДУИ – СДСМ блеска во полн сјај

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев истакна дека поднел кривична пријава против Владата за прекршување на законот за Влада, откако било понитено решението за назначување на началник на СВР Тетово. Тој напиша на својот профил на „Фејсбук“ дека со тоа што денешниот предлог на ДУИ бил аминуван од страна на СДСМ, е доказ дека коалицијата блеска во полн сјај, а дека овие две партии во јавноста „блефираат“.

„Владата на денешната седница го поништи решението кое го потпишав за назначување на началник на СВР Тетово. Ова место беше едно од 15-те места кои ми следуваат согласно Законот за влада, како министер во техничката влада.

Истата ваква одлука со која владата првично го поништи ваквото решение, претходно од моја страна беше обжалена до Државната комисија за спречување на корупција која констатираше дека Владата направила пропуст при поништувањето на решението и првичната одлука на Владата ја поништи. Но и покрај ваквиот заклучок од ДКСК, Владата денес повторно носи иста одлука.

Со денешното силеџиско постапување повторно е прекршен Законот за влада, а дополнително денешната одлука предложена од страна на ДУИ, а аминувана од страна на СДСМ е уште еден доказ дека нивната коалиција блеска во полн сјај. ДУИ и СДСМ имаат спротивставени мислења само во јавноста и тоа е само еден блеф. Нивниот меѓусебен однос на владините седници фукционира идеално и без никаква пречка.

Во оваа прилика ја информирам јавноста дека во однос на денешното постапување на Владата, во текот на утрешниот ден ќе поднесам кривична пријава, но и за ваквиот упад и мешање во работата на Министерството за внатрешни работи ќе бидат запознати и претставниците на меѓународната заедница.“, напиша Чулев.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни