По двата дена засилена загриженост меѓу родителите поради појавата на група деца со стомачни симптоми, познатиот епидемиолог д-р Драган Даниловски упати смирувачка порака: „Само трпение!“. Во објава на социјалните мрежи тој објасни дека ваквите состојби се многу чести кај децата и најчесто минуваат брзо и без сериозни последици.
Според него, загриженоста е разбирлива, бидејќи секој родител природно реагира кога ќе слушне за повеќе случаи со повраќање, дијареја и стомачни болки. Но, Даниловски нагласува дека најголем дел од овие симптоми се последица на чести вирусни или бактериски инфекции кои се типични за училишните и градинските колективи.
Како најчести причинители ги наведува норовирусот, ротавирусот, некои бактерии, недоволно соодветно складирана храна или поретко вода, како и контактното ширење меѓу децата. Тој додава дека фактот што одеднаш се појавиле повеќе случаи не значи дека станува збор за сериозна закана, туку за заедничка изложеност, што е вообичаено во затворени колективи.
Типичните симптоми — гадење, нагло повраќање, дијареја, болки во стомакот и повремено температура — најчесто траат од еден до три дена. Најважно е да се следи хидратацијата, предупредува Даниловски, бидејќи децата брзо губат течности. Тој препорачува внес на вода, чај или електролитни раствори, а од терапија да не се користат антибиотици на своја рака, бидејќи во најголемиот дел од случаите тие не се потребни.
Лекарска помош треба да се побара ако детето не задржува течности, има знаци на дехидратација, висока температура што не се намалува, крв во столица или ако симптомите се влошуваат по два дена.
Даниловски посочува дека институциите веќе работат на терен: се спроведуваат епидемиолошки анкети, анализи на храна, вода и брисеви од околината, со цел да се утврди точната причина. Притоа предупредува дека јавноста не треба да брза со заклучоци пред да се добијат резултатите од лабораториските испитувања.
„Цревните инфекции кај децата се многу чести, најголемиот дел минуваат брзо, а институциите имаат долгогодишно искуство во справување со вакви ситуации“, истакнува Даниловски, повикувајќи на смиреност и трпение.