Дали амнестијата ќе влијае врз судовите? Јанева: Оваа амнестија е поинаква од онаа на Иванов

Амнестија за обвинетите и осомничените за настаните од 27 април, може да влијае врз работата на судовите. Ова го изјави специјална обвинителка, Катица Јанева. Меѓутоа, таа вели дека амнестијата на Иванов е поинаква од амнестијата која вчера е изгласана во Собранието.

 Владата е убедена дека политиката не се меша во работата на судството. Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, рече дека целта на законот е да се донесе мир и помирување .Тој вели дека нема да има амнестија за организаторите и напаѓачите на настаните од 27 април минатата година.

Се вчитува...

Претседателот на работната група за помирување и пратеник во Собранието, Зеќир Рамчиловиќ вели дека иако законот е усвоен во Собранието, судот  обвинителството ќе одлучат кој ќе биде амнестиран, а кој не. Тој изјави дека иако ова претставува добар чекор за помирување, не треба сите да се ставаат во иста категорија и да бидат опфатени со амнестија.

Законот за амнестија го поздрави Европската комисија. Портпаролката Маја Коцијанчич во писмена изјава порача дека ова претставува чекор напред за помирување во општеството. Таа додаде дека ЕК очекува овој закон да не влијае врз работата на судството и да им се дозволи на судовите да ја вршат нивната работа на независен начин.

Законот за амнестија го чека потписот на претседателот Ѓорге Иванов, за да се објави во службен весник, а претседателот на Собранието, Талат Џафери е убеден дека тоа ќе се случи наскоро. За овој закон не гласаше Алијанса за Албанците, Движење Беса на Биљал Касами и пратеникот од редовите на владејачкото мнозинство и лидер на ЛДП Горан Милевски.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, со 95 гласа ЗА, ниту еден против, Собранието по скратена постапка го изгласа предлог законот за амнестија за учесниците во настаните од 27 април минатата година.

Репортер: Арменд Гаши

Извор: ТВ21