„За разлика од десничарите јас мислам дека капитал секторот треба да плати повеќе во буџетот за да има државата повеќе пари да помага на посиромашните. Десничарите мислат дека капитал секторот треба да јакне многу повеќе за да може да дава повеќе на работниците. Како левичар мислам дека богатите луѓе имаат пристап до националното богатство, до концесии, рудници тоа што државата го има, ако има нека платат повеќе“, рече тогаш Заев.
Ова е една од многуте изјави на Зоран Заев со кои го бранеше или оправдуваше воведувањето на прогресивниот данок. Тој велеше дека како социјалдемократ ќе направи богатите да плаќаат повеќе пари на државата, а со тоа да се направи социјална правда во земјава.
Сепак, една година откако стартуваше прогресивниот данок, Заев вели дека направиле грешка.
„Дефинитивно можам да кажам дека е ретко некоја власт вака чесно да истрпи пред својот народ и да каже да направивме исчекор, почнавме, еве дојде крајот на годината, и признаваме не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење која што ќе продолжи оваа влада да го практикува затоа што постоиме за народот.“, рече Заев.
Заедно со Заев, прогресивниот данок го бранеше и екс министерот за финансии Драган Тевдовски, кој е единствениот министер опфатен со „метлата“.
„Најдоходните 1 процент од луѓето во Макеоднија во 2017-та година зарабоитувале во просек 4 илјади и 486 евра месечно. Ова е за 14,4 пати повеќе доход од граѓаните во земјава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната неедаквост. Ваквите драстични социјални разлики не се прават. Тие креираат општество каде граѓаните немаат еднакви можности“, изјави Тевдовски.
Сепак, за разлика од Заев, Тевдовски остана на ставот дека не треба да се укине прогресивниот данок.
Со ист став е и поранешниот економски советник во владата, Бранимир Јовановиќ. Тој за ТВ21 вели дека министерката Нина Ангеловска намерно ја прекинала мерката затоа што работи во интерес на бизнис заедницата, а не за доброто на граѓаните.
„Во првите девет месеци од оваа година имаме остварено раст во приходите од персоналниот данок од 27 милиони евра, а ветувавме, односно кажувавме дека со реформата цела година ќе имате дополнителни 25 милиони евра, односно само во првите девет месеци вие сте го надминале она што сте го кажале дека ќе се случи цела година. Така што нема вистина во тоа дека приходните се пониски од тоа што се очекувало. Туку, напротив приходите се многу подобри од тоа што се очекуваше. Токму тука и е болката на министерката затоа и го укинува овој данок, затоа што тие пари се од фирмите што ги плаќаат на државата, а министерката знаме од каде доаѓа во раководството на Стопанската комора“, вели Јовановиќ.
Инаку даночните реформи, меѓу кои и прогресивниот данок стартуваа од 1 јануари 2019 година. Освен даночната стапка од 10 проценти се воведе и стапка од 18 отсто која ќе се однесуваше на даночна основа што надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. Сепак, новата министерка за финансии Нина Ангеловска вчера соопшти дека прогресивниот данок се става во мирување во следните 36 месеци.