Дали Палатата крие нешто? Луѓето на интернет се убедени дека нешто и се случило на кралицата Елизабета!

Како најстар и најдолг владетел на земјата, кралицата Елизабета Втора беше сведок на се. Од Втората светска војна, бројни неволји, преку деколонизација, Брегзит, Мегзит сè до пандемијата. Годинава таа ќе го одбележи својот 96-ти роденден, како и 70-годишнината на британскиот трон.

Додека повеќето луѓе на нејзина возраст веројатно планираат убава забава за пензионирање, кралицата Елизабета сè уште е на власт… Но, дали е навистина така?

На одредени веб-страници, кралицата стана предмет на теории на заговор – дека таа всушност умрела тајно, а палатата тоа го крие. Тоа, пишува Слејт, отвора прашања од типот – зошто би го направиле тоа, како воопшто би функционирало и – за што се зборува?!?

Дали англиската кралица е мртва или не?

Официјално не е. Палатата планира голема забава по повод нејзините 70 години на тронот. Оваа годишнина е наречена платинест јубилеј, а кралицата Елизабета ќе биде првиот британски монарх што ќе го прослави, за што секако е потребен посебен пудинг.

И не е шега, на 10 јануари започна „Натпреварот за платинести пудинг“ со цел да се најде пудинг што е соодветно празничен за оваа пригода. Победникот на натпреварот ќе биде поканет на јубилејната прослава.

Ако кралицата планира да јаде пудинг оваа година, зошто луѓето велат дека таа е веќе мртва?

Кралицата ги намали своите јавни настапи откако заврши во болница минатиот октомври. И покрај нејзината возраст, хоспитализацијата и прекинот на јавните настапи ја заинтригираа јавноста, бидејќи таа беше во болница само два пати во речиси 20 години. Кралските експерти го коментираа тоа, велејќи дека „кралицата влезе во нова фаза“ и дека најверојатно нема да ја видиме до февруари.

Тоа не е убедлив доказ…

Точно, не е многу убедливо. Но, ако нешто научивме, тоа е дека теориите на заговор успеваат дури и со уште помалку докази, пишува новинарката на Slate, Рејчел Хемптон.

Значи, никој не мисли дека кралицата е мртва?

Не толку брзо… Неколку „претприемнички истражители“ отидоа дотаму што сугерираа дека минатогодишната божиќна порака на кралицата била всушност лажна, односно дека со помош на вештачка интелигенција, лицето на кралицата било „насадено“ на друго лице.