Балкан

Дали поскапувањето ќе ја убие зимската сезона во Европа?

Дали поскапувањето ќе ја убие зимската сезона во Европа?

ПОСЛЕ две пандемични години, туристичките работници во зимските центри се надеваа на закрепнување. Но, обичните граѓани штедат поради инфлацијата, што не може да се каже за гостите со подлабок џеб, пишува Дојче веле.

Сите оние кои годинава заработуваат од сезоната на зимски спортови се прашуваат дали потрошувачите кои штедат на секој чекор за да ги амортизираат ефектите од инфлацијата од над десет проценти, по две пандемични години повторно ќе го жртвуваат одморот на снегот.

Првите индикации се дека потрошувачите со нормални приходи навистина ќе го сторат тоа оваа година. Според некои истражувања, поради инфлацијата, две третини од Германците штедат и се воздржуваат кога станува збор за трошоци кои не се апсолутно неопходни.

Краткорочни резервации

Она што досега го известуваат тур-операторите укажува дека бројот на резервации на хотелски соби е во опаѓање. „Севкупно, очекуваме пад од 20 до 25 проценти“, вели Томас Геперт од чадорот на здружението на баварските хотелиери и гастрономи.

Додуша, капацитетите се добро исполнети околу Божиќ и Нова Година, но остатокот од зимата е сепак голема непознаница. Геперт се надева на ефект од минатата зима, кога гостите, информирани од ненадејните промени во правилата за пандемијата, резервираа многу краткорочно.

Исклучок, како што вели Геперт, се најскапите аранжмани. Нивната продажба не е намалена. „Претпоставуваме дека оние кои се добро ситуирани не биле погодени од инфлацијата до таа мера што би ги смениле своите навики за зимски одмор“, вели Геперт.

Слични вести доаѓаат и од соседна Швајцарија. Таму, особено луксузните одморалишта како Св. Мориц забележа добра зафатеност. „Минатата зима беше добра, и сè укажува на фактот дека претстојната зима ќе биде слична“, вели Јан Штајнер од Engadin St. Moritz Tourismus AG.

Сметките за енергија ја „јадат“ заработката

Во Тирол засега се задоволни од бројот на резервации, но размислуваат како и покрај повисоките цени за сместување (од 7 до 15 проценти) да ги покријат зголемените трошоци, особено во однос на енергијата.
„Сообраќајот можеби сè уште е во ред, но профитот ќе биде значително помал поради зголемените трошоци“, вели Карин Сејлер од Тирол Вербунг во Инсбрук.

Австриските и баварските скијачки центри веќе подготвија мерки за заштеда за намалување на енормно зголемените сметки за енергија оваа година. Се планира откажување на работата на некои ски-лифтови или намалување на фреквенцијата во периоди со помалку гости.

Исто така, на многу места нема да има ноќно скијање под рефлектори. Сепак, скијачките центри не можат да се откажат од еден енергетски јадеч: топови за вештачки снег „Ова за нас не е луксуз, туку средство за работа“, велат од здружението на скијачки центри во Австрија.

Индустријата која зимава очекува стабилна продажба се производители на опрема за зимски спортови кои за разлика од туристичките работници профитираа од потребата на граѓаните за рекреација на свеж воздух за време на пандемијата.

Иако овогодинешната продажба, особено онлајн продажбата е во пад, трговците и производителите се уште очекуваат добри бројки. „Спортовите на отворено сè уште се во тренд“, велат од Здружението на германски спортски продавници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни