Македонија

„Дали со Ивана правевте план против мене?“ – тензично соочување во судницата меѓу Стојанче и Мартин Саздов

„Дали со Ивана правевте план против мене?“ – тензично соочување во судницата меѓу Стојанче и Мартин Саздов

Тензична атмосфера и директна конфронтација меѓу обвинетиот и сведокот ја одбележаа денешната судска расправа во Кривичниот суд, каде сведокот Мартин Саздов одговараше на прашања од судијата, обвинителството и одбраната, но и се соочи лице в лице со Стојанче Јовановски.

Во своето сведочење, Саздов изјави дека Ивана, поради страв, во повеќе наврати ги повлекувала пријавите за семејно насилство, додавајќи дека трагедијата оставила длабоки последици кај него.

– Не ми се живее после оваа трагедија – рече сведокот.

На прашање од адвокатот на обвинетиот дали некогаш пријавил насилство во полиција, Саздов одговори:

– Јас отидов во Полициската станица Пролет, а тие ме избркаа, ми рекоа „кој си ти да пријавуваш“. Ме избркаа од станица и не знаев понатаму што да правам.

Тој потврди дека бил сведок на насилство и пред судот, но не поднел пријава бидејќи, како што рече, Ивана сакала ситуацијата да се реши мирно.

На директно прашање од одбраната дали влијаел врз обвинетиот да се симне пред зградата на критичниот ден, Саздов одговори:

– Да. Се плашев да не ја тепа.

ДИРЕКТНА КОНФРОНТАЦИЈА ВО СУДНИЦАТА

Во еден од најнапнатите моменти од рочиштето, следуваше директно соочување меѓу поранешните пријатели.

Стојанче Јовановски му постави серија прашања на сведокот:

– Дали со Ивана постојано правевте план како да се ослободите од мене?

– Да – потврди сведокот Саздов.

– Дали со Ивана ми ја наместивте дрогата?

Сведокот негираше.

– Дали ја присилувавте мојата сопруга Ивана да се дрогира и да биде против мене?

– Јас не сум ја присилувал Ивана да се дрогира. Ивана ми велеше дека Стојанче ја присилувал да се дрогира, додека ја тепал. Јас се лутев, ѝ велев зошто зема кога е родотел. Велеше „Морав, за да си го вратам дарот“ – рече Мартин.

– Дали ја присилувавте мојата сопруга да имате интимни односи и да се снимате?

– Никогаш не сум ја присилувал на такво нешто. Никогаш не сум ѝ зборувал да се дрогира – рече Мартин.

– Дали знаеш дека мојот телефон беше спарен со телефонот на мојата сопруга и го знам секој ваш муабет и план против мене?

– Јас би сакал да ги приложи тие докази, дека сме планирале такво нешто – рече сведокот.

Стојанче постави и прашања поврзани со наводен инцидент со оружје и оштетување на возило, на што Саздов одговори дека негира било каква вмешаност со „калашников“ и додаде дека не пријавил оштетување на возилото бидејќи му било жал за обвинетиот.

ОБВИНУВАЊА ЗА УЦЕНИ И ВИДЕА

Во делот од сведочењето поврзан со експлицитни видеа, Саздов изјави:

– Ивана ми рече „те молам прати ми ги видеата, многу ми е важно“, а потоа дознав дека Стојанче ја тепал за да го напише тоа. Јас никогаш не сум ѝ се заканувал на Ивана. Откако ѝ ги пратив видеата, Ивана ми кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ги покаже видеата на сите и ќе ја прикаже како неморална жена.

ТЕШКА СОЦИЈАЛНА СОСТОЈБА И НАСИЛСТВО

Одговарајќи на прашања од судијата, сведокот опиша тешка финансиска и животна состојба во која живеела Ивана.

– Не помагаше Стојанче, Ивана сама се грижеше. Јас им купив јакни на Катја и на Ивана додека беа кај мајка ѝ на Ивана, оти немаа во тој период јакни, а не можеше да отиде до станот да си земе. Сама се грижеше за детето, а еднаш ми рече дека никој не ги чувал нив двете како јас. Го имам тој разговор. Стојанче не даваше пари за Катја. Единствено нешто што ѝ купил беше ташничка за ликовно.

Саздов додаде дека Ивана немала услови за живот:

– Да. Дури и мајка ѝ и мајка му на Стојанче им носеа скришно јадење на неа и на Катја. Слушнав дека кога мајка ѝ на Ивана им однела јадење за нејзе и за Катја, Стојанче јадењето го фрлил во канта.

Тој исто така изјави дека Ивана под присила го препишала својот дел од станот:

– Ивана кажувала дека тој направил фалсификат документ со нејзин потпис. Ивана била загрижена дека ќе остане на улица.

ПОВРЕДИ И СТРАВ

Сведокот говореше и за физичките повреди што ги забележувал кај Ивана:

– Имаше од претходно модрици, покриени со пудра, по лицето, вратот, нозете. Ми рече дека тоа ѝ е од што ја турнал по скали во болницата, а и од дома што ја тепал. А тоа што беше на дигестивна ѝ било од тоа што Стојанче ја газел на стомакот.

На прашањето зошто се враќала кај обвинетиот, Саздов одговори:

– Зашто сакаше да си го врати делот од станот. Ми велеше „Мартин, мора да бидам добра кон него, за да ми го врати делот, немам друг избор“.

СВЕДОЧЕЊЕ ЗА НАСИЛСТВО ВО ПАРК

Во продолжение, сведочеше и Ивана Белчева, која опиша инцидент од декември 2025 година во парк во Ѓорче Петров.

– Стојанче ѝ удри шлаканица на Ивана. Јас и една жена застанавме меѓу нив, а јас ја зедов Катја во прегратка. Почнав да ја смирувам за да ѝ го намалам тресењето, бидејќи детето беше премногу вознемирено.

Таа додаде дека насилството продолжило:

– Стојанче пак ја нападна Ивана со повеќе удари по главата и по телото. Во тој момент викнав полиција, рекоа ќе дојдат. Му реков на Стојанче дека прави кривично дело, дека не смее да ја тепа сопругата.

Белчева посочи дека Ивана одбила да го пријави случајот:

– Јас ја почекав полицијата. Кога дојдоа ја замолив Ивана да го пријави Стојанче, но таа и жената си заминаа. Дадов изјава пред полицијата, тие направија записник.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни