Новинарот на Канал 24 од Лавов, Даниел Ткиее, во интервју за 4TV.mk вели дека одржување избори во Украина во услови на војна е невозможно без цврсти безбедносни гаранции и формален прекин на огнот.
„Искрено, не можеме да спроведеме избори без безбедност, па нашата позиција и позицијата на властите е – прво безбедност, па потоа избори. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека треба да имаме прекин на огнот од најмалку 90 дена за да се спроведе изборниот процес“, истакна Ткиее.
Тој објасни дека организацијата на избори во воени услови претставува сложен логистички и финансиски процес, кој бара дополнителни средства и решавање на бројни предизвици.
„Ова е голем процес и ќе бидат потребни дополнителни финансии. Исто така, има сериозни прашања – како ќе гласаат украинските војници, кои во моментов ја бранат земјата од руските напади? Тоа е невозможно без соодветен прекин на огнот“, нагласи тој.
Според него, избори може да се одржат само по постигнување прекин на огнот или мировен договор, но додаде дека засега Украина е далеку од сеопфатно мировно решение. Како една од најтешките точки ги посочи случувањата во регионот на Донбас.
„Рускиот диктатор Владимир Путин бара Украина да се повлече од целиот регион на Донбас. Украина тоа не може да го направи, бидејќи станува збор за 45 стратешки градови за кои Русија се бореше повеќе од десет години“, изјави Ткиее.
Говорејќи за евентуалните претседателски кандидати, Ткиее оцени дека најверојатно би имало двајца водечки претенденти.
„Првиот кандидат би бил претседателот Зеленски. Тој сè уште официјално нема потврдено кандидатура, но се очекува да учествува. Вториот, најсериозен противкандидат би можел да биде генералот Валериј Залужни“, рече тој.
Залужни, поранешен врховен командант на украинските вооружени сили, сега ја извршува функцијата амбасадор во Обединетото Кралство. Според Ткиее, тој ужива широка поддршка поради улогата во првите месеци од инвазијата.
„Од почетокот на целосната инвазија, генералот Залужни одигра клучна улога во одбраната на Украина. Донесе критични одлуки и направи подготовки уште пред почетокот на војната, што помогнаа да се зачува главниот град и државата“, потенцира Ткиее.
Тој додаде дека во моментот Залужни е единствената сериозна алтернатива на Зеленски и дека евентуална трка меѓу двајцата би била тесна и неизвесна, според анкетите за јавно мислење.
Осврнувајќи се на европската перспектива, Ткиее рече дека постои силна јавна поддршка за зачленување на Украина во Европската Унија. Тој посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидел можноста за членство во ЕУ да ја вклучи во рамки на потенцијален мировен договор.
Според одредени извештаи, постоела можност Украина да стане членка на ЕУ во 2027 година доколку се постигне прекин на огнот. Сепак, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјавил дека таков рок е нереален поради процедурите и основните правила на Унијата.
„Сè ќе зависи од волјата на европските лидери и од исполнувањето на условите. Украинците сакаат членство што е можно поскоро и под подобри економски и трговски услови. Тоа е прашање што ќе треба да го решат украинските дипломати и Владата“, заклучи Ткиее во интервјуто за 4TV.mk.