Новинарот од Лавов, Даниел Ткиее, во интервју за 4TV.mk изјави дека мнозинството Украинци не се подготвени да го отстапат регионот на Донбас на Русија, бидејќи тоа би имало сериозни безбедносни последици за иднината на државата.
„Ако зборуваме за прашањето за Донбас, повеќето Украинци не се подготвени да го предадат регионот на Русија. Тоа ќе ѝ овозможи стратешка предност на терен и ќе ѝ помогне да започне нова инвазија во наредните години од многу подобра позиција“, вели Ткиее.
Според него, моменталните украински позиции во Донбас претставуваат клучна стратешка потпора на фронтот.
„Имаме критични точки на терен кои ни даваат важна предност на бојното поле. Благодарение на тие позиции успеваме да ги запреме руските напади и да се одбраниме. Тоа е суштинско за нашата одбрана“, нагласува тој.
Ткиее посочува дека украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна сигнализирал подготвеност за компромис, кој би можел да подразбира симетрично повлекување на двете страни.
„Една од опциите е Украина и Русија подеднакво да се повлечат 40 до 50 километри и да се создаде демилитаризирана зона во регионот, можеби и т.н. ‘слободна економска зона’. Тоа е нашата понуда во моментов“, објаснува Ткиее.
Тој додава дека Киев ја очекува реакцијата од Москва и дека исходот од преговорите зависи од одлуката на рускиот претседател Владимир Путин.
„Сега топката е на страната на Русија. Дали Путин е подготвен за крај на војната преку прифаќање ваков компромис или ќе продолжи со ултиматуми, барајќи Украина целосно да се повлече од Донбас? Тоа е невозможно во овој момент“, истакнува тој.
Клучен елемент за евентуален договор, според Ткиее, се цврстите меѓународни безбедносни гаранции.
Тој наведува дека можната рамка би вклучувала демилитаризирана зона под надзор на американските воздушни сили, присуство на европска коалиција со пешадиски сили на терен и повеќеслоен механизам за одговор во случај на нова агресија.
„Во првите 24 часа украинските сили би одговориле на евентуален руски напад. Во наредните 48 часа европската коалиција би се приклучила на одговорот, а во рок од 72 часа и американските воздушни сили би интервенирале. Оваа рамка е предмет на разговори меѓу Европејците, Американците и Украинците“, вели Ткиее.
Тој заклучува дека поддршката од украинската јавност за ваков компромис ќе зависи од јасните и силни гаранции од САД и европските сојузници.
„Ако добиеме цврсти и конкретни безбедносни гаранции, очекувам Украинците да поддржат ваков договор, но само под соодветни услови и со вистинска меѓународна поддршка“, нагласува Ткиее во интервјуто за 4TV.mk.