Данска со јасна порака: Вратата за проширување е отворена, Македонија да го искористи моментот

Постои ретка и важна можност за проширување на Европската унија што не смее да се пропушти – оваа порака денеска од Скопје ја упати данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, само две недели пред Данска да го преземе претседавањето со Советот на ЕУ. Таа најави дека токму проширувањето ќе биде еден од клучните приоритети на данското претседателство, особено во контекст на зголемените геополитички ризици и руската агресија.

„Сега има отворен прозорец за проширување кој одамна не постоеше. Го охрабрувам Северна Македонија да го искористи овој момент. Но, ние како претседавач не можеме сами да го движиме процесот – тоа мора да биде заеднички напор. Потребно е и Северна Македонија да преземе одговорни чекори и да покаже напредок во клучните области што водат кон членство во ЕУ. Од наша страна, ќе дадеме сè што можеме за да го поддржиме тој процес“, порача Бјере.

Домаќин на данската министерка беше нејзиниот колега, министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, кој повтори дека европскиот пат мора да се води врз основа на јасни и праведни правила.

„Копенхашките критериуми се нашиот најсилен штит во време на притисоци и обиди за билатерализација на проширувањето. Европската перспектива не смее да се условува со прашања кои се надвор од темелните вредности – демократијата, владеењето на правото и пазарната економија“, истакна Муртезани.

Тој подвлече дека билатералните прашања треба да се решаваат низ директен дијалог меѓу државите, но не и да бидат пречка или услов за напредокот во европската интеграција.

Во фокусот на разговорите беше и техничкиот напредок што Македонија треба да го постигне за да го отвори првиот кластер преговори. Покрај уставните измени, земјата има обврска да достави три патокази – за владеење на правото, реформа на јавната администрација и функционирање на демократските институции – како и Акциски план за малцинските права.

Муртезани информираше дека трите патокази се во завршна фаза на усогласување со Европската комисија, а Акцискиот план, подготвен од Министерството за надворешни работи, веќе е испратен на мислење до Советот на Европа. По добивањето на коментарите, ќе следи постапка за негово усвојување и официјално испраќање до Европската комисија.

Состанокот меѓу двете страни заврши со заедничка заложба дека е потребна тесна и активна соработка во следниот период, со цел Македонија да го забрза својот пат кон ЕУ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното