Данската премиерка Мете Фредериксен денеска ја завршува тридневната посета на Гренланд, откако изјави дека САД „не може да анектира друга земја“, дури и со аргумент дека е во прашање меѓународната безбедност.
Фредериксен го посети Гренланд, кој претседателот Доналд Трамп сака да го припојат на САД и тврди дека Гренланд, полуавтономна територија која припаѓа на Данска, е клучен за безбедноста на САД.
Пред една недела, потпретседателот Џеј Ди Венс ја посети американската воена база на Гренланд и ја обвини Данска дека недоволно инвестира во таа територија.
Фредериксен ги негираше американските критики и тврди дека Данска е сигурен пријател на САД. Говорејќи на англиски, таа изјави дека „ако дозволиме да бидеме поделени, наместо сојузници, тогаш ќе направиме услуга на нашите непријатели. И ќе направам сè што можам да спречам тоа да се случи“.
Данската лидерка рече дека, ако САД сакаат да ја зајакнат безбедноста на Арктикот, „да го направиме тоа заедно“.
Во интервју за „Невсмак“ во четвртокот, Венс изјави дека идејата на Трамп е дека „ова е важно за нашата безбедност, ова е важно за нашата противракетна одбрана и ние ќе ги заштитиме интересите на Америка“.