Биометријата е најдобрата технологија за идентификација и проверка на гласачите. Сигурно и брзо, преку отпечатоци од прст се обезбедува еднаквост на гласачите – еден гласач – еден глас, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски, претставувајќи го новиот модел на гласање.
Тој рече дека на локалните избори за прв пат во нашата земја ќе биде воведен уредот за биометриска идентификација на гласачите со што ќе се унапреди процесот на гласање.
„За идентификација на гласачите отпечатоците се споредуваат со референтни отпечатоци од нивните документи за идентифакција што озвоможува гласачот да биде со сигурност проверен и потврден како носител на идентитетот. Во изборното право гласањето се смета за фер доколку ги исполнува условите за еднаквост и слобода, а тајноста на гласањето се почитува“, нагласи Даштевски.
Со цел информирање на сите заинтересирани за тоа како ќе се одвива изборниот процес со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст, кои првпат ќе се применуваат на претстојните Локални избори, Државната изборна комисија денеска организираше симулација на постапката на гласање и презентација на уредите.
Симулацијата ги опфати и сите други постапки при процесот на гласање, со примена на мерките за заштита од ширење на Ковид-19.