Одбраната на судијата Ѓоко Ристов најави дека со финансиско вештачење ќе докажува дека 350-те илјади евра, пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино, не припаѓаат на Ристов, туку на неговиот татко и мајка од продажба на имот за фотоволтаици.
Адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, во изјава за „Слободен печат“ по брифингот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, изјави дека Обвинителството, како што тврдитe одбраната, „ја извртува тезата“ околу потеклото на парите.
„Она што обвинителството го премолчува, а го знае и ја извртува тезата дека парите се од лозарство, е дека родителите на осомничениот пред извесен период продале имот и право на градба и поставување на фотоволтаици. Договорот е нотарски заверен, а парите во износ од преку 400.000 евра се уплатени на сметка на мајката на осомничениот. Постојат и други извори на приходи на таткото и мајката на осомничениот кои ќе бидат детално образложени во вештиот наод и мислење“, изјави Давидовиќ за „Слободен печат“.
Според одбраната, Обвинителството не излегло со ниту еден материјален доказ, обвинувајќи го дека „ја храни јавноста, ја замаглува вистината и прави конструкции“. Како дополнителен аргумент дека парите не му припаѓаат на Ристов, адвокатот посочи дека на записникот за претрес бил потпишан неговиот татко, а дека од Ристов не бил одземен ниту еден денар.
Според „Слободен печат“, претресот во домот на судијата и неговата викендица бил извршен пред десетина дена, но не биле пронајдени други инкриминирачки докази. Сумата од 350.000 евра, за која Обвинителството се сомнева дека е резултат на кривично дело, била најдена во домот на родителите, на 100 километри од живеалиштето на Ристов.
Давидовиќ додава дека во официјалните документи и изјави Обвинителството не понудило доказ дека парите му припаѓаат на судијата, освен, како што наведува, „голото и непоткрепено усно тврдење“ на ОЈО ГОКК, пишува „Слободен печат“.
