Давкова: Како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, на свеченоста по повод 5-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО во касарната „Илинден“ во Скопје, истакна дека нашето учество во Алијансата е и влог во Армијата, која го чува територијалниот интегритет и независноста на земјата.

Таа нагласи дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност, и дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии на НАТО и Обединетите нации. Сиљановска Давкова додаде дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Претседателката потсети дека петтата годишнина се одбележува во сенката на трагедијата во Кочани, која ја потсети на важноста на безбедноста на граѓаните. Таа ја нагласи и хуманоста и солидарноста на државите и народите од регионот и пошироко, вклучувајќи и помошта од НАТО.

Сиљановска Давкова истакна дека целта на НАТО е мирот и безбедноста на земјите членки и на светот. Таа нагласи дека македонското членство во НАТО беше резултат на напорите и жртвите на Армијата и цивилните припадници, кои преку реформи и мировни мисии стекнаа искуство и почит од сојузниците.

Таа апелираше за поголеми вложувања во одбраната, особено во напредните технологии и оружја, во светло на глобалните безбедносни закани, вклучувајќи хибридни и сајбер-напади. Претседателката истакна дека, иако се надева на мир, денешниот геополитички контекст бара сериозни вложувања во одбраната.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, изрази уверување дека единството во Армијата и НАТО треба да се преточи и во единство меѓу граѓаните за создавање на развиено, стабилно и безбедно општество. Тој нагласи дека НАТО не е само воено-политички сојуз, туку и заедница која се грижи едни за други.

Мисајловски истакна дека членството во НАТО гарантира стабилност и за македонската економија, создавајќи можности за странски инвестиции и учество на НАТО пазарот. Тој додаде дека Македонија продолжува да се развива заедно со сојузниците, вложувајќи во модернизацијата на Армијата и учествувајќи во заеднички вежби.

На свеченоста се обратија и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч. Присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, и други високи претставници.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното