Утрово екипата на планинската спасувачка служба (ГСС) Нови Град Сараево реализирала несекојдневна акција во една сараевска градинка. Утрово, ГСС добила повик за интервенција од градинката „Анекс“, каде маж маскиран како Дедо Мраз, кој требало да им ги достави новогодишните пакетчиња на децата, заглавил на покривот.
Според информациите, густата магла ја отежнала неговата ориентација, што довело до неочекуваниот инцидент.
„Нашите спасувачи пристигнаа брзо и го спуштија Дедо Мраз на безбедно. Децата со возбуда ја следеа акцијата низ прозорците, што целата ситуација ја направи уште поинтересна,“ изјавија од ГСС Нови Град Сараево.
Откако бил спасен, Дедо Мраз им се заблагодарил на спасувачите и успеал навреме да ги подели подароците, носејќи насмевки на лицата на сите присутни.
„Ова е уште една од оние интервенции кои ќе ги паметиме со радост,“ додадоа од ГСС.
Иако не е официјално потврдено, се претпоставува дека станува збор за претстава организирана за децата од страна на градинката и спасувачката служба, со цел да се донесе дополнителна магија на новогодишните празници.
