Актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, повторно ќе влезе во трка за нов мандат на локалните избори. Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска од Мала Речица ја објави првата група кандидати за градоначалници и носители на советнички листи.
Потпретседателот на партијата, Арбр Адеми, посочи дека ова е само првиот пакет и најави дека во следните денови ќе бидат соопштени и останатите кандидати, меѓу кои и оној за Град Скопје.
„За градоначалник на општина Кичево, кандидат ќе биде Фатмир Дехари. Во општина Липково, кандидат ќе биде Еркан Арифи. Во општина Чашка, кандидат е Суад Шаќири. Во општина Студеничани, кандидат ќе биде Ејуп Абази. Исто така, Централното претседателство едногласно одлучи да ја поддржи независната кандидатура за градоначалник на општина Брвеница – г. Енвер Пајазити.“
ДУИ се очекува во наредниот период да ги финализира кандидатурите за преостанатите општини, со посебен фокус на Скопје, каде интересот за градоначалничката функција е особено голем.