Демири во офанзива: Горд сум што сум Албанец во СДСМ – одлучете се, дали сум „истрошен“ или „анонимус“?“

„Во политиката има луѓе што градат мостови и луѓе што шират омраза“. Со оваа порака се огласи Агрон Демири од СДСМ, одговарајќи на серијата напади и квалификации упатени на негова адреса во изминатиот период.

Демири, преку јавно обраќање, истакна дека нема намера да молчи пред „лагите и етикетите“, потенцирајќи го својот чист образ и својата улога во социјалдемократското семејство.

Се вчитува...

„Горд Албанец во граѓанска партија“

Тој испрати силна порака за својот идентитет и политичка припадност, нагласувајќи ја вредноста на мултиетничкиот концепт.

„Горд сум што сум млад човек кој нема дамка во својата биографија. Горд сум што мојата политичка приказна е чиста, чесна и транспарентна. И горд сум што сум Албанец кој носи додадена вредност во партија што се бори за еднаквост, заедништво и европска иднина на државата“, вели Демири.

Контрадикторни напади: Стар кадар или анонимус?

Демири ги предизвика своите критичари да се усогласат во своите напади, посочувајќи на нелогичноста во етикетите што му ги лепат.

„Некои ме нарекуваат ’стар кадар’, други ’истрошен’, трети ’анонимус’. Нека одлучат самите – што сум според нив? Јас знам што сум – млад човек со интегритет, со кредибилитет и со изградено политичко име преку работа и труд, а не преку навреди.“

„Нападите нема да ме уплашат“

На крајот, тој порача дека обидите за дискредитација нема да го поколебаат.

„Ако некој мисли дека нападот врз мене ќе ме уплаши – се лаже. Ако некој мисли дека со омраза ќе ја покрие сопствената политичка празнина – уште повеќе се лаже“, дециден е Демири, додавајќи дека неговата сила доаѓа од граѓаните и младите кои веруваат во перспектива, а не во поделби.