Синоќешниот протест пред Собранието против уставните измени за малку не ескалираше во насилство.
Како што се чини ниту самите противници на овие измени, не останаа сплотени за каузата против промената на името. Сѐ започна кога неколкумина претставници на Иницијативата „Македонија блокира“ сакаа да се обратат пред демонстрантите, но беа спречени од организаторите.
Еден од организаторите на протестот беше и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров. Го прашавме зошто на претставниците на иницијативата „Македонија блокира“ не им беше даден збор на протестот?
„Протестот вчера пред Собранието беше уредно пријавен во МВР, организатор беше движењето „Бојкотирам уставни промени“, имаше претходно утврден протокол со говорници. Имаше безначајни провокации од мала група пред бината, која демонстрираше против организаторот и говорниците.“ – Тодор Петров, еден од организаторите на протестот.
И Филип Петровски од „Македонија блокира“ синоќа беше дел од протестот. Тој смета дека организаторот Петров поради политички цели не сака да ѝ се приклучи на иницијативата „Македонија блокира“.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека директно се вмешани во синоќешниот протест, но опозициската партија негира.
Како иницијативата „Македонија блокира“, така и иницијативата „Бојкотирам уставни измени“ се против Преспанскиот договор и уставните измени.
Репортер: Бесир Арифи
