Свет

Ден на жалост во Азербејџан поради падот на патничкиот авион

Ден на жалост во Азербејџан поради падот на патничкиот авион

Во Азербејџан е прогласен Ден на жалост поради авионската несреќа во која загинаа 38 лица, а 29 преживеаја, додека причината за авионската несреќа сè уште не е позната.

Националните знамиња денеска беа спуштени на половина копје низ Азербејџан, а сообраќајот беше запрен точно напладне со едноминутно молчење за жртвите во авионската несреќа, пренесе АП.

Авион на Азербејџан ерлајнс летал од главниот град Баку за Грозни кога од непознати причини излетал од курсот и се урна вчера додека се обидувал да слета во близина на градот Актау во Казахстан, откако го прелетал Каспиското Море.

Претседателот Илхам Алијев на вчерашната прес-конференција рече дека е рано да се зборува за причините за несреќата, но додаде дека влошувањето на временските услови го натерало авионот да го промени планираниот курс.

Руската управа за цивилно воздухопловство извести дека, според прелиминарните информации, пилотите се пренасочиле кон градот Актау откако авионот налетал на јато птици.

Според извештаите на казахстанските власти, меѓу патниците имало 42 државјани на Азербејџан, 16 Руси, шест државјани на Казахстан и тројца од Киргистан.

Според АП, постојат различни теории во врска со можните причини за несреќата, а некои коментатори навеле дека дупките во опашката на авионот може да укажуваат на тоа дека авионот бил цел на руски системи за противвоздушна одбрана кои се обидувале да спречат напад на украински беспилотни летала.

Украински беспилотни летала претходно го нападнаа главниот град на руската република Чеченија, Грозни, како и други региони на Северен Кавказ, наведува американската агенција.

Запрашан да ги коментира тврдењата дека авионот бил погоден од руска воздушна одбрана, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека би било погрешно да се прават хипотези додека истражителите не донесат заклучоци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни