ДЕНЕС Е СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ: Чудото со неговата рака што претскажувала каква ќе биде годината

Веднаш по големиот христијански празник Богојавление – Водици, Православната црква традиционално го слави споменот на Свети Јован Крстител. Бидејќи неговата главна улога се оствари токму на денот на крштевањето на Исус во реката Јордан, древната Црква одредила денот по Водици да му биде посветен нему.

Свети Јован зазема посебно место меѓу евангелските личности. Тој се одликувал со таква морална чистота што, според преченијата, попрво можел да биде наречен ангел отколку смртен човек. Тој е единствениот меѓу пророците кој имал можност со рака да го покаже Оној за кого пророкувал – Месијата.

Се вчитува...

Патот на светите мошти

За овој ден се врзува и интересното предание за раката на Светиот Предвесник. Според записите, Евангелистот Лука посакал да го пренесе телото на Јован од Севастија (каде што големиот пророк бил убиен од царот Ирод) во Антиохија – родното место на Лука. Сепак, тој успеал да ја пренесе само едната рака на Свети Јован.

Светата рака се чувала во Антиохија сè до 10-тиот век, по што била пренесена во Цариград. Сепак, во времето на османлиските освојувања, таа исчезнала од таму.

Раката како пророк за годината

Народното предание и црковните записи раскажуваат за чудотворна моќ поврзана со раката на Крстителот. Се верува дека секоја година, на денот на светителот, архиерејот ја изнесувал раката пред насобраниот народ.

Верниците со страв и надеж гледале во положбата на дланката:

  • Ако раката се појавела раширена (отворена), тоа означувало дека претстои родна и богата година.
  • Ако раката била згрчена (затворена), тоа било лош знак кој најавувал неродна и гладна година.

Свети Јован Крстител останува запаметен како Крстител на луѓето за покајание и Крстител на Месијата, а неговиот живот завршил трагично, како жртва на човечката суета и неморал.