Денес е свети Ѓорѓи – заштитникот што стои покрај луѓето во тешки моменти

Во ноември и декември православните верници го одбележуваат двапати споменот на светиот великомаченик Георгиј, кој за многу македонски семејства претставува и куќна слава. Денешниот ден е посветен на обновувањето на неговиот храм во Палестина. Среќна слава на сите што празнуваат.

На 16 ноември се слави празникот Обновување на храмот на светиот великомаченик Георгиј во Лида, Палестина. Овој ден се вбројува во есенскиот циклус празници и е востановен во чест на обновувањето и повторното осветување на храмот изграден во негова чест.

Главниот празник посветен на свети Георгиј – Победоносец се слави на 6 мај, познат како Ѓурѓовден, еден од најзначајните пролетни празници во православниот календар.

Во есенскиот период постојат два празници посветени на свети Ѓорѓи – првиот на 16 ноември, а вториот на 9 декември.

Светиот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј живеел во времето на цар Диоклецијан, при крајот на третиот и почетокот на четвртиот век, кога започнал силен прогон против христијаните. Пред да го заврши својот живот во мачеништво, додека бил во затвор, свети Георгиј побарал неговите мошти по смртта да бидат пренесени во Палестина, родниот крај на неговата мајка.

Цар Константин, кој особено го почитувал светецот, во Лида изградил голем храм во негова чест, каде подоцна било положено неговото тело.

Денешниот празник е востановен токму во чест на обновувањето и осветувањето на овој храм, а кај бројни македонски семејства овој ден се одбележува и како куќна слава.

На православните икони свети Ѓорѓи најчесто е претставен како воин што со меч ја прободува ламјата – симбол на злото. На иконата поврзана со денешниот празник, тој најчесто е прикажан со копје во рацете.

Според народната традиција, свети Ѓорѓија им помага на луѓето во неволја, а најчесто се појавува како млад витез на коњ. Особено се верува дека им дарува заштита на оние што го слават неговиот ден.