Денес ги празнуваме овие светители:
Преподобен Мемнон Чудотворец
Се предаде на пост и молитва од младоста. Толку го очисти своето срце што стана живеалиште на Светиот Дух. Ги исцелуваше неисцелливите болни и правеше многубројни други чуда. Се јавуваше и во морски бури и ги спасуваше бродовите од пропаст. Мирно се упокои во Господа во 2 век и се пресели во Неговите небесни дворци.
Светите девет маченици во Кизик
Овие деветмина храбри маченици, во кои гореше љубовта Христова, не сакаа да им принесат жртви на идолите ниту да се одречат од Господа Исуса Христа, заради што беа жестоко мачени и најпосле убиени со меч. Во времето на царот Константин, во Кизик беше изграден храм во чест на овие маченици, а таму ги положија и нивните нетлени мошти. Нивните имиња се: Теогниј, Руф, Антипатар, Теостих, Артем, Магн, Теодот, Тавмасиј и Филимон. Презреа сè минливо заради вечното. Затоа Господ ги воведе во Своите вечни живеалишта и им даде венци на непропадлива слава. Чесно пострадаа и се прославија во 3 век.
Свети Василиј Острошки
Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, сè потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, против неговата волја. Како архијереј, прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. Кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што строго се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останаа цели и исцелителни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на свети Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог се случува голем народен собир.
Преподобен Нектариј оптински
Нектариј (Тихонов), јеромонах, (1853-1928) – со смирението и со подвигот на непрекинатата молитва ги стекна великите дарови на чудотворството и прозорливоста, кои ги криеше под видот на јуродство. Во дните на прогонот на Црквата и самиот беше прогонет, а при тоа непрестајно ги укрепуваше верните. За совет и молитвена помош му се обраќаа и прости мирјани и големи светители.
